„Емотивни пејзажи – никаде толку луѓе како во еден човек“ – Ликовна изложба во Крушево
Во среда, 22 април, со почеток во 19:00 часот, во Домот на културата во Крушево ќе биде отворена ликовната изложба „Емотивни пејзажи – никаде толку луѓе како во еден човек“ на уметниците Јасмина Котевска и Тони Попов.
Изложбата претставува циклус експресионистички портрети и автопортрети создадени како непосреден одраз на внатрешните емоционални состојби на авторите. Наместо класично прикажување на физичкиот лик, делата го истражуваат човекот како психолошки простор – како збир од расположенија, сомнежи, сеќавања и тивки внатрешни дијалози.
Според авторката на текстот во каталогот, Николина Атанасоска, заедничкиот настап на Котевска и Попов не претставува натпревар, туку интимен сликарски дијалог, во кој двајцата автори меѓусебно се препознаваат и „се огледуваат“ еден во друг. Нивната уметност ги поврзува сличен ликовен израз, експресивен потег и силен интерес за човековата внатрешност.
Во делата на Јасмина Котевска доминираат непосредноста и силната емоционалност. Нејзините фигури не се класични портрети, туку состојби – тишина по внатрешна борба, ранливост, прифаќање или тивка тага. Ликовите, како што се посочува, повеќе ја одразуваат психолошката состојба отколку физичкиот изглед.
Тони Попов, пак, преку серија автопортрети води континуиран дијалог со себеси. Неговото сликарство се карактеризира со воздржаност и дисциплина, во кое бојата и потегот ја откриваат внатрешната напнатост меѓу самокритиката, прифаќањето и потребата за смирување. Сликарството кај него станува простор на соочување, но и на внатрешно олеснување – место каде, како што се наведува, „болката повеќе не боли, туку оплеменува“.
Во целина, „Емотивни пејзажи“ го третира портретот како внатрешен пејзаж. Делата не прикажуваат само лица, туку емоционални состојби – страв, надеж, копнеж, замор и помиреност. Изложбата отвора прашања за тоа колку различни „јас“ живеат во еден човек и дали уметноста може да биде безбеден простор за искреност, ранливост и самоспознавање.



