Современ апарат за рано откривање очни заболувања од денес во Прилепската болница

Граѓаните на Прилеп и регионот отсега ќе имаат пристап до најсовремена очна дијагностика, откако Општата болница со проширена дејност „Борка Талески“ набави нов апарат за оптичка кохерентна томографија (ОЦТ).

Станува збор за современа, неинвазивна, брза и безболна дијагностичка метода, која овозможува прецизно и детално снимање на ретината и другите структури во задниот сегмент на окото. Со воведувањето на ОЦТ технологијата, значително се подобрува можноста за рано откривање, следење и третман на голем број очни заболувања, меѓу кои макуларна дегенерација, дијабетична ретинопатија, глауком, макуларен едем, како и други патологии на ретината.

Во рамки на стручната едукација за користење на апаратот, како и за правилна интерпретација на резултатите, болницата ја посети директорката на Универзитетската клиника за очни болести – Скопје, доц. д-р Наташа Шекеринов, која изрази подготвеност за понатамошна соработка и поддршка.

Со оваа инвестиција, Општата болница Прилеп дополнително го зајакнува својот капацитет во областа на офталмологијата. Покрај ОЦТ, установата располага и со друга современа опрема како ултрасонографија и периметрија, што овозможува комплетна и навремена дијагностика на пациентите.

Апаратот е набавен со сопствени средства во вредност од 4.700.000 денари, што претставува значајна инвестиција во подобрување на здравствените услуги во регионот. Со неговото ставање во функција, пациентите повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови или да користат услуги во приватни здравствени установи, што значи побрза, подостапна и поквалитетна здравствена грижа.

Оваа набавка претставува уште еден чекор напред во насока на модернизација на здравствениот систем и подобрување на условите за лекување на пациентите во Прилеп и поширокиот регион.

Слични Објави