Повторно диви депонии покрај Старите градски гробишта – комуналците апелираат за совесност

И покрај редовните апели на „Комуналец“, отпадот од домаќинствата продолжува да се исфрла околу оградниот ѕид на Старите градски гробишта. Комуналните служби денеска повторно интервенираа и го исчистија просторот од неколкуте натрупани депонии.

Од „Комуналец“ нагласуваат дека речиси 90% од исфрлениот отпад е комунален, кој се собира преку редовната линија или со дополнителната услуга на јавното претпријатие. „Ни претстојат православните празници – неделава Цветници, наредната Велигден – и апелираме до сите граѓани да бидат совесни, да го чуваат овој простор чист и уреден“, велат од претпријатието.

И покрај делумната свест кај граѓаните, сè уште се забележуваат несовесни практики кои го загрозуваат јавниот ред и хигиената. Комуналците најавуваат дека ќе продолжат со акции за чистење, но апелираат и за поголема контрола, поставување знаци, дополнителни контејнери, како и едукација на граѓаните за правилно управување со отпадот.

„Трпението има свои граници. Христијански е да се трпи, но сите заедно треба да покажеме одговорност и почит кон заедницата и јавните простори“, порачуваат од „Комуналец“.

Слични Објави