Од отпад до креативност – Први еко моливи и боички за деца во Македонија
ЛАГ АГРО ЛИДЕР ја претвора својата зелена визија во реалност, започнувајќи со производство на еко моливи и боички изработени од отпадна хартија. Со оваа иновативна иницијатива, организацијата станува прва во нашата земја што отпадот од хартија го трансформира во еколошки производи наменети за деца, давајќи конкретен придонес кон заштитата на животната средина и одржливиот развој.
Оваа активност се реализира со поддршка на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, спроведуван од организацијата People in Need, во партнерство со АРНО, Leaders for Education, Activism, and Development (LEAD) и Ековита, а финансиран од Европската Унија преку сибгрантовата програма. Благодарение на оваа поддршка, ЛАГ АГРО ЛИДЕР набави современ сет машини и воспостави иновативен производствен процес за изработка на еко моливи и боички.
Активностите на организацијата се насочени кон реупотреба на отпадот, примена на принципите на циркуларната економија и развој на одржливи решенија кои носат двојна придобивка – за животната средина и за локалниот социо-економски развој. Преку оваа иницијатива, ЛАГ АГРО ЛИДЕР не само што го намалува отпадот, туку и создава нова вредност, поттикнувајќи одговорно однесување и еколошка свест кај граѓаните.
„Производството на моливи и боички од отпадна хартија е можност за нас како организација да ја покажеме нашата грижа за животната средина, правилното управување со отпадот и намалувањето на отпадот. Ова е дел од нашата заложба да бидеме активен учесник во зелената транзиција, да придонесеме кон социјална правда и да го обоиме светот околу нас со еколошки вредности,“ изјави Марина Тошеска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Во рамки на иницијативата, во соработка со СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп, општини, јавни институции, училишта, бизниси и граѓански организации, ќе се спроведува организирано собирање на отпадна хартија, како и едукативни активности насочени кон подигнување на свеста за значењето на рециклирањето и одржливото управување со ресурсите.
Со пораката „Од отпад – до вредност. Од стара хартија – до нова креативност!“, еко моливите и боичките „3 Hearts“ ќе ги поврзат организациите, бизнисите и граѓаните во заедничка мисија – градење одржлива, инклузивна и зелена заедница.


