ПРИЛЕП ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ПРОЛЕТТА СО ПОШУМУВАЊЕ НА МАРКОВИ КУЛИ – ЗАСАДЕНИ 6.000 ДАБОВИ САДНИЦИ
Во рамки на проектот „Пошумување на споменикот на природата Маркови Кули“, финансиран од Бирото за регионален развој, денеска во Прилеп беше реализирана акција за пошумување по повод Денот на пролетта. Акцијата се одржа на локалитетот над новите градски гробишта, на патот кон Трескавец, каде беа засадени 6.000 садници од даб.
Институтот за старословенска култура, кој, како надлежна институција за заштита и одржување на изгледот на овој споменик на природата и културно наследство, ги утврдува стручните насоки за видот и начинот на пошумување. Токму согласно нивните прописи, бил избран дабот како автохтон вид, со цел зачувување на автентичниот природен амбиент на Маркови Кули.
Дел од локалитетот Маркови Кули, кој се наоѓа над новите градски гробишта на патот за Трескавец, беше пошумен со 6.000 садници на даб, согласно стручните прописи за зачувување на заштитеното природно наследство.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, нагласи:
„Видот на садниците е определен согласно прописите кои ги налагаат од Институтот за старословенска култура, кои се задолжени за одржување на изгледот на овој споменик на природата и она што значи заштитено културно наследство овде на територија на општина Прилеп. Сметам дека ова е начинот на кој треба секој Ден на пролетта да се одбележи, и во иднина се почести да бидат ваквите акции за пошумување на природата.“
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека ваквите активности треба да станат традиција и да се реализираат сè почесто, особено во контекст на заштита на природата и одбележување на значајни датуми.
Заменик-директорот на ЈП Македонски шуми, Кире Михаилов, нагласи дека посебно радува фактот што во акцијата се вклучиле и деца заедно со своите родители, испраќајќи порака за подигнување на свеста за животната средина уште од најмала возраст.
Покрај пошумувањето, Општина Прилеп обезбеди и значајна механизација и алат за идни еколошки акции, меѓу кои трактор, 25 дупчалки за садење и околу 100 парчиња друг алат. Оваа опрема ќе им биде достапна на граѓаните и волонтерите кои сакаат да се вклучат во активности за унапредување на животната средина.
Во акцијата учествуваа претставници на локалната самоуправа, јавните претпријатија, образовните институции, државни органи, како и ЈКП Комуналец, бројни здруженија и граѓани.
Од Општина Прилеп посочуваат дека ова е уште една успешна иницијатива која ја зајакнува колективната грижа за природното богатство и придонесува кон одржлив развој на локалната заедница.
Акцијата и проктот кој денес се реализира е најавен во јуни 2025 година, и сумите се следни-
Општина Прилеп обезбеди средства за реализација на уште два нови проекти за подобрување на животната средина и јавната инфраструктура, одобрени од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година.
„Подобро одржување на зелените површини во Општина Прилеп“
Финансиска поддршка: 2.500.000 денари
Цел: Набавка на мини багер за поефикасно и континуирано одржување на зеленилото низ градот.
И „Пошумување на споменикот на природата Маркови кули“ Финансиска поддршка: 2.000.000 денари
Цел: Набавка на трактор со приколка и опрема за успешно пошумување и заштита на природниот локалитет.
Договорите за двата проекта се веќе потпишани и веднаш пристапуваме кон нивна реализација. По набавката, механизацијата ќе биде предадена на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, со кое заедно ќе ги спроведеме активностите на терен.
Фото – ЛС Прилеп


