Во завршна фаза изградбата на новиот капацитет за селекција на отпад во Прилеп
Општина Прилеп е во завршна фаза на реализација на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за модернизација на системот за управување со отпад. Станува збор за првиот капацитет од ваков тип во Македонија, кој има за цел воведување на современи стандарди во третманот на отпадот.
Проектот се реализира во координација меѓу локалната самоуправа и ЈКП „Комуналец“. Технолошката линија, обезбедена од реномираниот производител „Technix“, е во фаза на монтажа и поседува капацитет за обработка на 10 тони отпад на час.
Градоначалникот на општина Прилеп, Дејан Проданоски, при посетата на локацијата каде се одвиваат активностите, ја нагласи важноста на овој проект за општината и за регионот.
„Нашата цел е јасна: почиста животна средина, поодржливо користење на ресурсите и современи решенија кои ќе обезбедат подобри услови за живот за сите граѓани. Со ставањето во функција на овој капацитет, ќе добиеме модерна инфраструктура која ќе овозможи поефикасно раздвојување на пластиката, хартијата, најлонот, металот и другите рециклирачки материјали, што директно значи помалку отпад на депониите“, изјави градоначалникот Проданоски.
Објектот е дизајниран според специфичните потреби на технолошкиот процес и вклучува:
- Затворен простор (1.300 м²): каде е сместена комплетната линија за селекција.
- Надворешен простор (5.980 м²): наменет за прием на транспортни возила, манипулација со отпадот и складирање на селектираните материјали.
Според надлежните, овој капацитет е клучен чекор кон воспоставување на организиран регионален систем, во кој отпадот од повеќе општини ќе се третира на еколошки прифатлив начин. По завршувањето на финалните монтажни работи, се очекува фабриката да започне со редовна работа.



