Каде е повратот од „МојДДВ“? Дел од граѓаните сè уште чекаат пари
Граѓаните се жалат на социјалните мрежи: Повратот на ДДВ повторно доцни
Корисниците на апликацијата „МојДДВ“ повторно реагираат на социјалните мрежи поради доцнењето на исплатата на повратот на данокот на додадена вредност (ДДВ). Дел од граѓаните велат дека иако редовно ги скенирале фискалните сметки, повратот за последното тромесечје од минатата година сè уште не им е исплатен.
Според роковите, исплатата на средствата требаше да се реализира до крајот на февруари. Сепак, како и во претходното тромесечје, дел од граѓаните добиле поврат дури во текот на март, додека други велат дека средствата сè уште не им се префрлени на сметките.
На социјалните мрежи се појавуваат бројни коментари и прашања од корисници кои бараат објаснување зошто доцни исплатата и кога може да ја очекуваат. Некои од нив посочуваат дека во минатото повратот се исплаќал до 10-ти во месецот, што создаваше поголема предвидливост за граѓаните.


