Лажен лекар ги чини битолчани речиси 20.000 евра

Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола денеска информира дека во последните два дена, двајца битолчани биле жртви на измамници кои се претставувале како лекари и изнудиле вкупна сума од 19 600 евра.

Првиот случај е регистриран вчера, кога 84-годишна битолчанка пријавила дека била измамена за 9 600 евра. Измамникот ја контактирал телефонски, се претставил како лекар и ја убедил дека нејзината ќерка има тешки скршеници и дека е неопходна итна, скапа операција. Жената ги предала парите на непознато лице кое дошло директно пред нејзината зграда. Таа сфатила дека е измамена откако подоцна се слушнала со нејзината ќерка.

Претходниот ден во слична измама 83-годишен битолчанец останал без 10 000 евра. И во овој инцидент лажниот лекар тврдел дека неговата внука паднала по скали, се здобила со тешки телесни повреди и дека се потребни пари за итен медицински зафат.

„Одземањето на парите се врши според исто сценарио. Измамените лица ги предаваат парите на лице кое доаѓа пред нивните домови, а дури потоа дознаваат дека се измамени“,информираат од СВР Битола.

Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за откривање на сторителите и целосно расчистување на овие случаи со лажни лекари.

Слични Објави