Наградени најдобрите маски на Меѓународниот карневал „Прочка“ 2026
Прилеп и годинава блесна во полн сјај. Карневалската атмосфера, инспирирана од обичаите, креативноста и автентичните маски, кулминираше со свеченото прогласување на најдобрите учесници. Жирито имаше тешка задача да ги избере најуспешните меѓу бројните впечатливи детски и возрасни маски, кои со својата оригиналност, порака и изведба го одбележаа годинашното јубилејно издание на Меѓународниот карневал „Прочка“ 2026.
Прилеп изминативе два дена живееше во знакот на карневалската магија, обединет околу традицијата, радоста и заедништвото. Со детското дефиле вчера и централното карневалско дефиле денеска, градот свечено го одбележа големиот двоен јубилеј – 25 години од Карневалот „Прочка“ и 100 години од постоењето на „Прилепските мечкари“, симболот на карневалот и препознатлив белег на прилепската културна традиција.
Годинашното издание беше во знакот на вековната традиција која се негува и се пренесува на новите генерации. „Прилепските мечкари“ остануваат материјално културно наследство и симбол на истрајноста, автентичноста и духот на народот. Вековната традиција продолжува да живее и да се развива, гордо носена од прилепчани.
На јубилејното издание присуствуваа претседателот на FECC, Ларс Алгел, како и претставници од повеќе македонски и европски градови, со што Прилеп повторно се потврди како достоен домаќин на настан од ваков ранг.
Во рамки на карневалот беа доделени и наградите за најуспешните маски и учесници.
🏆 ГРАН ПРИ ја освои маската „Весела фарма“ од ООУ „Добре Јованоски“.
Во категоријата детски карневал, првото место ѝ припадна на маската „Од цветот на знаењето се раѓа медот на успехот“ од ООУ „Кочо Рацин“, второто место го освои „Шах-Мат“ од ООУ „Рампо Левката“, а третото место „Јинг Јанг“ од ООУ „Кире Гаврилоски Јане“.
Во категоријата возрасни групни маски, првото место го доби „Пепелашка на карневал“ од Зодијак, второто „Прилепска златна кралица“ од СОУ „Ѓорче Петров“, додека третото место го освои „Врховниот совет на смарагдите“ од Здружението за развој и едукација.
Во конкуренција на поединечни маски, за најдобра детска маска беше прогласена „Gothic girl“ – Мидеа, а во категоријата за возрасни победи „Puxelstar“ – Мила Спиркоска.
Организаторите упатија благодарност до општинската администрација, училиштата, институциите, жири-комисијата, водителите, здруженијата, волонтерите и сите граѓани кои придонесоа за успешната реализација на настанот.
Прилеп уште еднаш покажа дека карневалот не е само манифестација, туку идентитет, култура и живо сведоштво на традицијата што обединува генерации. Градот пулсираше со насмевка и гордост, испраќајќи порака дека духот на „Прочка“ ќе продолжи да живее и во годините што следуваат


