Јазикот е единствената наша татковина ! – Блаже Конески
21 Февруари – Ден кога зборовите го чуваат нашето постоење
Денес, 21 февруари, светот го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ден посветен на зачувување, негување и афирмирање на јазичната разновидност како едно од најголемите богатства на човештвото. Овој ден е прогласен од УНЕСКО во 1999 година, а од 2000 година се одбележува ширум светот со цел да се подигне свеста за значењето на мајчиниот јазик во културниот идентитет, образованието и комуникацијата.
Мајчиниот јазик не е само средство за разбирање, тој е темел на нашиот идентитет, нашата традиција и нашето чувство на припадност. Преку него ги учиме првите зборови, ги слушаме првите приказни и ги пренесуваме вредностите од генерација на генерација. Секој јазик носи уникатен поглед кон светот, посебна мисла и културно наследство што не може да се замени.
Според податоците на Обединети нации, во светот се зборуваат над 7.000 јазици, но многу од нив се соочуваат со опасност од исчезнување. Со исчезнувањето на еден јазик, исчезнува и дел од историјата, културата и колективната меморија на еден народ.
За нас, македонскиот јазик е повеќе од средство за комуникација, тој е симбол на нашето постоење или како што рече Блаже Конески „Јазикот е единствена наша татковина”. Неговото зачувување и правилна употреба е обврска на сите нас, во образованието, медиумите, институциите и секојдневниот живот.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е потсетник дека јазикот треба да се негува, почитува и пренесува. Зашто, додека го чуваме јазикот. се чуваме и самите себе.


