|

Повторно доцнат платите во образованието – во едно училиште има, во друго нема

Платите во образованието и овој месец не се исплатени навреме, а на социјалните мрежи наставници реагираат за нерамномерна исплата низ општините и училиштата.

Според објавите што кружат по Фејсбук групи и профили на просветни работници, во некои училишта платата веќе е легната, додека во други, нема, иако станува збор за иста општина и ист платен систем. Тоа создава дополнителна конфузија и револт меѓу вработените.

Паралелно со тоа, меѓу наставниците се шират и шпекулации дека државниот трезор е празен, поради што трансферите кон училиштата не се одвиваат истовремено и редовно. Официјална потврда за тоа засега нема, но фактот дека исплатата е селективна дополнително ги засилува ваквите сомнежи.

Од надлежните институции сè уште нема официјално соопштение за причините за доцнењето и за тоа кога ќе биде извршена целосната исплата за сите училишта.

Проблемот со доцнењето на платите во образованието, и покрај ветувањата дека ќе биде надминат, очигледно продолжува да се повторува.

Слични Објави