„Храбриот нов театар“ – мост меѓу традицијата и иднината: 60 години МТФ „Војдан Чернодрински“
Фокусот на јубилејното, шеесетто издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е создавањето на мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината. Тоа е мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме – меѓу приказните на сцената кои ја градат нашата културна меморија и новите уметнички изрази што ја обликуваат современоста.
Шеесетгодишниот јубилеј е точката на спој – таму каде што минатото и иднината се среќаваат, каде што традиционалната театарска приказна се преплетува со новата виртуелна реалност, во потрага по нови начини на изразување, создавање и поврзување.
Со мотото „Храбриот нов театар“, фестивалот го испраќа својот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста. Оваа порака е повик до сите уметници и љубители на театарот да ја напуштат комфор-зоната и да се осмелат да креираат свој нов свет – нов театар, нова реалност.
Нека ни е среќен јубилејот!
Нека се множат годините, нека фестивалот остане секогаш храбар и нов, со сила и моќ да го менува својот свет.
Среќна 60-ка, МТФ „Војдан Чернодрински“!



