(ВИДЕО) Изгласан ребаланс на Буџетот, Нови проекти и инвестиции, минибуси, дополнителни 1.000.000 денари поддршка за ФК Победа
На денешната 65-та седница на Советот на Општина Прилеп беше изгласан ребалансот на Буџетот за 2025 година, со серија нови капитални инвестиции и проекти..
Меѓу поважните инфраструктурни зафати се:
- Реконструкција на дел од плоштадот Методија Андонов-Ченто, пред хотел Скопје, со поставување урбана опрема,
- Изградба на мост на ул. Победа над реката Оревоечка,
- Реконструкција на ул. Орде Чопела, како дел од влезот на градот од страна на Македонски Брод,
- Целосна реконструкција на ул. Трајко Николоски, вклучително и електроинсталации.
Дополнително, најавена е и изградба на две нови детски игралишта – едното во центарот на градот (зад поранешниот „Участак“), а другото на улицата Борка Спиркоски во населбата Типски.
Во руралните делови, ќе се реализира:
- Водоводен систем за село Лениште,
- Реконструкција на главниот потисен цевковод за снабдување на Индустриската зона и манастирот Св. Димитрија во Селце.
Од еколошен аспект, планирана е изградба на фотонапонска централа на објекти кај пречистителната станица, како и интеграција на SCADA системот со ГИС технологија за подобро управување со водоснабдителниот систем.
Предлог-Измена и дополнување на Буџет на Општина Прилеп за 2025 година, планот за измена и дополнување на планoт на развојни програми на Општина Прилеп за 2025-2027 година и предлог-кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Прилеп, за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2025 година до 30.06.2025 година, денеска се најдоа пред советниците и беа усвоени со мнозинство гласови.
Советниците дадоа согласност за предавање на трајно користење на 8 прочистувачи на воздух на основните и средните општински училишта и градинките во општина Прилеп и согласност за преместување на спомен обележје во Прилеп.
Советниците го разгледаа и усвоија извештајот за превземените мерки и активност за првото полугодие од 2025 година, за подрачјето на ОВР Прилеп.
На седницата беа усвоени и годишните извештаи за работа на: ООУ „Страшо Пинџур“- с.Мало Коњари, Прилеп, за учебната 2024/2025 година и годишната Програма за работа за учебната 2025/2026, годишниот извештај за работа на ООУ „Круме Волнароски“- с.Тополчани, Прилеп за учебната 2024/2025 година, како и годишната програма за работа на ООУ „Круме Волнароски“-с. Тополчани, Прилеп, за учебната 2025/2026 година.
На Седницата беа разгледани и усвоени предлог програмата за измена и дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Прилеп за 2025 и предлог-локалниот план за енергија и клима на Општина Прилеп за период 2023-2027 и збирниот извештај за проценетата штета во населените места Кадино село, Мало Коњари, Големо Коњари, Галичани и Алинци во oпштина Прилеп, од невремето на ден 27.06.2025 година.
Позитивно мислење советниците дадоа и по решението за предлог-член во УО во ЈУМЦСР Прилеп, за кофинансирање на проектот за ‘’Уредување на сала за музички проби за млади таленти’’ и за Програмата, насловена „За младите се работи: време е за структурна поддршка на нивната иднина“.
Советниците ја усвоија и одлуката за бесплатен градски превоз на 18 септември 2025 година (четврток) во рамки на одбележувањето на неделата на урбана мобилност, за уредување на општински линиски превоз за подрачјето на Општина Прилеп и согласност за определување на тарифа за општински линиски превоз за подрачјето на Општина Прилеп.
Поради лошата состојба во моментов во ФК Победа, пред почетокот на Седницата, беше доставено и барање од ФК Победа АД – Прилеп, за финансиска поддршка од Општината за понатамошно функционирање на клубот за непречено натпреварување и функционирање на младинските школи. Поради итноста, барањето беше разгледано од Комисијата за финансирање и Буџет и беше донесена одлука за дополнителни 1.000.000 денари поддршка кон ФК Победа.
Видео од седницата



