Вечерва пречек на коњаницата пред Градскиот парк во Крушево
Денес, со почеток во 18:30 часот, пред Градскиот парк во Крушево ќе се одржи организиран пречек на коњаницата, како дел од програмата за одбележување на националниот празник Илинден и манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“.
Настанот е дел од традиционалната програма што се реализира секоја година во Крушево, во пресрет на 2 август. Пречекот на коњаницата има симболично значење и е вовед во другите активности што ќе се реализираат во рамки на манифестацијата.
Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, упати покана до жителите и посетителите да присуствуваат на настанот и изрази став дека прославата треба да се одвива без политички влијанија, со почитување на историските настани и значењето на Илинден за државата.
„Сите ние да го чествуваме Илинден на достоинствен начин, да ги почитуваме илинденците и нивните идеали повикувајќи се на Крушевскиот Манифест, само така ќе покажеме вистински патриотизам кон Крушево и нашата држава. Илинден е нашиот идентитет. Илинден е нашата сила за иднината. Иднината е на сите, без оглед на припадност по партија, религија и националност. Илинден е вистината која живее!“ изјави градоначалникот Христоски
Манифестацијата продолжува и во наредните денови со културни и меморијални активности.


