Прилеп во потрага по татко/мајка

Чичко што сè гледа и се знае или тетка од катастар?

Во Прилеп деновиве е тивко. Претивко. Не затоа што не се копаат улици (колку за улици крпење, се работи), туку затоа што ни една партија, сеуште нема кандидат за градоначалник. Ко да играме политичко бинго, а топчето за Прилеп се заглавило.

Некои велат: нема веќе кој. Други шепотат: никој не сака. А трети – тие што седат на кафиња по два сати – се прашуваат дали некој тајно не предложил, Прилеп да биде воден од вештачка интелигенција, попозната меѓу народот како AI. (Искрено, тоа е поевтино. Bарем нема да зема дневница за отварање пешачки премин и лента на крпена дупка)

Градот личи на дете оставено пред врата на домот: без татко, без мајка, само со баба што вика „Ех, кај се тие времиња…“. Ама не е толку лошо. Барем додека нема кандидат, нема ни предвремено предизборно препувкување.

Некои предлагале да се кандидира, чичко што секогаш седи на клупата кај сато. Тој знае сè – кој колку зел, кој крадел, кој со кого се гледал. Или тетка што работи во катастар…. таа сигурно има поголема контрола врз градот од сите претходни градоначалници заедно.

И така, Прилеп чека. Нема татко, нема мајка, ама има дух. Ама ако продолжи вака, ќе треба сам да се кандидира. Или, ако ништо друго, нека си избере некој уличен пес – барем тој секогаш е присутен, ja знае секоја дупка и не лае за ќар.

Пишува: Милан Секулоски

Текстот е несериозен. Ако ви делува вистинито, ваш проблем

Слични Објави