Колку се транспарентни Пелагониските општини? Граѓаните бараат отчетност, „Време е за дигитална транспарентност“
И покрај законските обврски за објавување на сите документи од јавен интерес, многу општини во Пелагонискиот регион сѐ уште не ги исполнуваат овие должности доследно и искрено. Буџети, програми за јавни набавки, записници од седници, огласи за вработување, други клучни документи, а посебно објавите од урбанистичките одделенија, најчесто отсуствуваат од општинските веб-страници, се објавуваат со значително доцнење, не се разбирливо структуирани, а понекогаш се како најзамрсени правни тиради, кои ниту правници не можат да ги разберат.
АГТИС, која веќе неколку години работи на зајакнување на транспарентноста, отчетноста и активното граѓанско учество во Пелагонија, алармира дека многу од општините го минимизираат значењето на дигиталната отвореност. Тоа оди до таму што имаме општини кои со месеци не објавиле ниту една одлука од совет, а некои не ги ажурираат своите страници од 2022 година.
Особено загрижува фактот што во многу малку објави и написи, доколку воопшто ги има, се наведуваат конкретни суми за градежни проекти, инвестиции или вредноста на јавните набавки. Граѓаните не можат да дознаат колку чини изградбата на улица, реконструкцијата на училиште или јавна набавка за возило. Ваквиот недостиг на информации само ја продлабочува недовербата и остава простор за шпекулации и сомнежи во работата на локалната власт. Во урбанизмот, граѓаните никако не можат да разберат за која парцела се прави нов ДУП и дали и нивниот имот е во тој опфат, кој општината го објавува како хемиска формула: „УАЕ 8, зафат 5…“
Недостиг од доверба и неучество на граѓаните
Истражувањата што АГТИС ги спроведува заедно со медиумскиот партнер otv.мк покажуваат поразителни бројки. Над 60% од граѓаните не веруваат дека нивната општина отворено ги објавува сите релевантни информации. Само 25% од испитаниците изјавиле дека некогаш посетиле општинска веб-страница за да се информираат за седница, буџет или јавен повик.
„Никогаш не знаеме кога има седница или што точно се дискутира. Откако ќе помине некаков план или ДУП, по месеци и години дознаваме дека имало јавна дискусија. Ако нема Фејсбук објава или гласина, не дознаваме ништо“, споделува еден жител на Општина Долнени.
Општините мора да се дигитализираат и отворат
АГТИС во своите препораки до идните градоначалници и општинските совети јасно наведува: „Дигиталната транспарентност не е луксуз, туку обврска“. Во 2025 година, нема оправдување за нефункционални или неажурирани општински страници.
Според АГТИС, секоја општина треба:
- Редовно и навремено да ги објавува сите документи на веб-страницата;
- Да има посебна рубрика за буџет, јавни набавки, одлуки и извештаи;
- Да објавува точни и проверени податоци за висината на трошоците и вредноста на инвестициите;
- Да овозможи електронско учество и коментари на граѓаните за клучни општински прашања;
- Да објавува графички прикажани информации за буџетите и завршните сметки за полесна читливост.
- Јасно да укажува за кој опфат се менува планот, што можат граѓаните во постапката на дебата, со кој формулар и како да изразат што сакаат да биде внесено во ДУП – от.
Што треба да направат новите градоначалници?
Со оглед на престојните локални избори или очекуваните политички ротации, новите градоначалници ќе мора да го стават граѓанинот во центарот на одлучувањето. А тоа почнува со информирање и отчетност и недозволување на администрацијата да крие податоци, најпрво од градоначалникот, а потоа и од граѓаните.
Граѓаните не бараат чуда – туку фер увид во тоа како се трошат нивните пари, какви одлуки се носат, и како да се вклучат во нивното обликување. Се разбира, најважно е како, кога и со кои инструменти да сѝ ги заштитат личните права и слободното располагање со сопствениот имот.
Градоначалниците треба да разберат дека или ќе бидат блиски со граѓаните, универзитетите, стручните лица и повештите невладини организации, или ќе мораат (повторно и повторно) да коленичат пред партиските моќници. Јавноста е нивен сојузник, освен ако планираат да го наполнат џебот, додека се на власт, а тоа не оди без соучесници од администрацијата и „братска делба“ со партијата.
АГТИС веќе најавува нови иницијативи за граѓанско следење на транспарентноста во Пелагониските општини, преку дигитални платформи и мобилни алатки, како и работилници со општинските администрации, каде ќе ги отворат картите, дури и за сомнежите за „затвореност заради корупција “.


