Бегајте змии и гуштери, иде Еремија! – за многу години да е!
Денес, според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар), е 1 мај – денот на Светиот пророк Еремија, еден од големите пролетни празници во народната традиција. Празникот е поврзан со обичаи и верувања што служат како заштита од змии, гуштери и други ползачи. Луѓето извикувале: „Бегајте змии и гуштери, иде Еремија!“ – како симболична магиска формула за прогон на опасностите од природата.
Пророк Еремија е роден 600 години пред Христа, близу Ерусалим. Започнал да пророкува уште во својата петнаесетта година. Бил гласник на покајание, кој не се плашел да ја говори вистината – ниту пред цареви, ниту пред свештеници. Често прогонуван и затворан, но никогаш замолчен. Преку него, Божјата волја се изразувала со силни симболи – како скршениот лонец што ја навестува пропаста на Јудејското царство. На крајот бил убиен со камења од своите сонародници во Египет. Но, Мисирците го почитувале како чудотворец, и го погребале со кралски почести. Според преданието, дури и Александар Македонски го посетил неговиот гроб. И денес, многумина му се молат за заштита од змии, верувајќи во неговата духовна моќ.


