| | |

Бесплатни прегледи и симулација на сообраќајка за Денот на медицинските сестри

Во пресрет на 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, денес (понеделник) со почеток од 09:00 часот на плоштадот кај „Камена бина“ во Прилеп ќе се одржи едукативно-симулациски настан, отворен за сите граѓани.

Во рамки на настанот ќе се реализира симулација на сообраќајна несреќа помеѓу велосипедист и мопед, со непосредна интервенција на тимовите од Итната медицинска помош. Публиката ќе има можност да следи реална демонстрација на постапки при итен случај, како и симулациска вежба за гаснење пожар од страна на Територијалната противпожарна единица – Прилеп.

Посебен акцент ќе биде ставен и на едукативниот дел – со предавања на теми BLS (Basic Life Support) и ILS (Immediate Life Support), кои ќе ги одржи д-р Андреј Ристески.

Во симулациите ќе учествуваат и ученици од здравствената струка при СОУ „Ѓорче Петров“, членови на секцијата „Здравје без граници“, под менторство на професорките Наташа Ванчева и Ленче Јованоска.

Како дел од активностите, на граѓаните ќе им бидат понудени и бесплатни здравствени прегледи – мерење на крвен притисок, гликемија и сатурација, како и едукативни брошури со совети за здрав живот.

Организатор на настанот е Службата за итна медицинска помош при Општата болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, во соработка со здружението ЗМСТАС „За Нас“, примарното здравство, ОВР Прилеп, ТППЕ Прилеп и учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

Настанот се реализира во рамките на Интернационалната недела на сестринството и има за цел да го подигне јавното знаење за значењето на медицинските сестри, како и да поттикне поголема свесност за итните здравствени интервенции и превенција.

Слични Објави