Затворени избирачките места – заврши гласањето во вториот круг од локалните избори
Во 19 часот заврши гласањето на вториот круг од осмите локални избори, на кои граѓаните избираа градоначалници во 32 општини и во Град Скопје, како и советници на три избирачки места во Шуто Оризари.
Не се гласаше во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово-Ростуше – таму процесот ќе се повтори во рок од 60 дена.
Право на глас имаа 1.013.375 граѓани, од кои 474.304 во Град Скопје. Во Центар, Аеродром, Карпош и Шуто Оризари се гласаше со две, односно три ливчиња, додека во останатите општини се избираше само градоначалник.
На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни листи. Најмногу кандидати – 16, имаше за градоначалник на Скопје. Процесот го следеа 1.598 набљудувачи.
Според ДИК, до 17 часот излезноста во Скопје изнесуваше 28,52%, а на ниво држава 39,28%. Највисока излезност имаше во Конче (64,44%), најниска во Сарај (8,77%).
Гласањето помина мирно и без сериозни нерегуларности. Избирачките одбори треба во рок од пет часа да го достават материјалот до општинските комисии. Првични резултати се очекуваат околу полноќ, додека партиските штабови ги следат бројките и ги чекаат исходите.
Ден претходно гласаа болните и немоќните – од вкупно 4.826 лица право на глас искористиле 3.327. Во казнено-поправните установи гласаа 588 од 1.256 лица, а во установите за згрижување гласаа 125 од 214 запишани.



