|

(видео)За среношколците од Општина Долнени, учебната година сеуште не е почната

260 ученици од Општина Долнени кои своето средно образование го следат во Прилеп, веќе два месеци не посетуваат настава поради недостиг на организиран ученички превоз. До нашата редакција реагираа загрижени родители кои велат дека состојбата е резултат на неуспешни тендери за избор на превозник, а нивните деца се оставени без можност редовно да ја следат наставата.



„Секој ден бараме одговор каде е проблемот, но само нè препраќаат од врата до врата. Децата веќе два месеци не одат на училиште,“ вели еден од родителите.

Проблемот дополнително се продлабочува со приближувањето на крајот на првото тромесечје. Професорите, според родителите, бараат учениците да дојдат да одговараат за оценки, иако тие не посетиле ниту еден час од почетокот на учебната година.

„Барамe само да ни кажат јасно — дали оваа година ќе ја повторуваат, за да знаеме што да правиме. Вака, децата се во неизвесност, а никој не превзема одговорност,“ додава родител.

Иако станува збор за ученици од Општина Долнени, организацијата на ученичкиот превоз е во надлежност на Општина Прилеп, бидејќи училиштата се на нејзина територија. Но, поради локалните избори ситуацијата е уште посложена — стариот совет и градоначалник го завршуваат мандатот, а новиот состав сè уште не е конституиран, што ја блокира можноста за носење било какви одлуки.

Во меѓувреме, најоштетени остануваат учениците, кои со секој изминат ден губат драгоцено време од наставата.

Слични Објави