|

(видео) Традиционален АРТ-ХЕПЕНИНГ во организација на Ротари Клуб – Прилеп

По повод 3 Ноември — Денот на ослободувањето на Прилеп — денеска во Старата градска чаршија се одржа традиционалниот арт-хепенинг, кој веќе 13-14 години го организира Ротари клуб Прилеп. Настанот прерасна во препознатлива уметничка манифестација каде младите прилепски таленти својата креативност ја преточуваат во дело под ведро небо.



Орде Ѓорѓиоски, претседател на Ротари клубот Прилеп, истакна дека одлуката настанот да се одржува во Старата чаршија не е случајна.

„Целта ни е да ги мотивираме учениците да се занимаваат со уметност, да ги поттикнеме кон фини, креативни нешта, а воедно и да ја заживееме чаршијата — просторот кој носи дух, традиција и душа на Прилеп,“ рече Ѓорѓиоски.
„Првите години бевме пред Домот на културата ‘Марко Цепенков’, но последниве две години сме пред платото на споменикот на Итар Пејо. Тоа е дел од нашата идеја овој дел од градот да пулсира со младешка енергија и култура.“

Годинава учество земаа околу 30 ученици, од кои најголем дел се од средните училишта, а се приклучија и помлади таленти од основните училишта и уметничките школи. Темата е секогаш слободна — идеја е учениците да создаваат по инспирација, без ограничувања.

Овој арт-хепенинг е дел од пошироките активности на Ротари клубот Прилеп.

„Покрај овој уметнички настан, имаме бројни хумани и едукативни проекти,“ додаде Ѓорѓиоски. „Скоро организиравме хуманитарна забава, потоа пешачење со хумана цел, а следуваат уште активности како Првоградска ораторска вечер, традиционална крводарителска акција и други.“

Слични Објави