|

Следува пад на температурите и и снег на повисоките планини

До 16:30 часот денеска најмногу дожд е измерен во Претор и Крушево – по 16 литри на метар квадратен. Следуваат Маврови Анови со 12 литри, Берово 10, Прилеп 9, Пожаране 8, Тополчани и Струмица по 7 литри. Во Виница и Попова Шапка наврнале по 6 литри, во Лазарополе и Штип 5, кај Зајчев Рид и во Тетово 4, а по 3 литри се измерени во Гевгелија, Демир Капија, Крива Паланка и Битола. Во Велес наврнале 2 литра, а во Кавадарци 1 литар на метар квадратен.



Според УХМР, до крајот на денот ќе биде претежно облачно со локални врнежи од дожд, особено во југозападните и јужните делови каде се очекуваат над 30 литри дожд во 24 часа. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.

Утре – услови за магла и повторни врнежи

Утринските часови ќе донесат магла во одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, со локален дожд претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Минималната температура ќе биде од 7 до 11, а максималната од 15 до 19 степени.

Нови обилни дождови за викендот

Периодот на променливо време продолжува под влијание на циклонска активност. Во петок и за време на викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи, над 30 литри дожд за 24 часа, локално проследени со засилен ветер, грмежи и услови за невреме.

Од недела температурите значително ќе опаднат, а на повисоките планини дождот ќе преминува во слаб снег.

Слични Објави