Симулација на пожар – Противпожарната служба и Брза помош покажаа како да се реагира во вонредни ситуации
Денеска, во основното училиште „Кочо Рацин“ во село Ивањевци, во општина Могила, успешно беше реализирана симулација на пожар која имаше за цел да ги подигне свеста и подготвеноста на учениците и наставниците за евентуални вонредни ситуации. Во вежбата активно учествуваа Противпожарната служба и Брзата помош, кои демонстрираа како ефикасно да се реагира во случај на пожар.
Симулацијата беше осмислена како практичен тренинг, кој ќе помогне за подобра подготовка и брза реакција во реални услови. Учениците, наставниците и сите присутни беа внимателно упатени на правилата за безбедност и начинот на кој треба да реагираат во случај на пожар.
„Безбедноста на нашите деца е приоритет, и ќе продолжиме со редовни обуки и активности за заштита на животите и здравјето на нашите сограѓани“, истакна градоначалникот на општина Могила, Драганчо Саботковски.
Симулацијата се покажа како успешна и корисна за сите учесници, кои го потврдија значењето на вакви активности за создавање на сигурна и безбедна средина за учење, заштита од различни вонредни ситуации и на подобрување на свеста за важноста на брзото и ефективно реагирање.