Промовирана монографијата на НУУБ „Св. Климент Охридски“ по повод 80 години од основањето
Во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години од основањето, вечерва во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола се одржа свечена промоција на монографијата „НУУБ Св. Климент Охридски (1945–2025)“.
Настанот започна со проекција на документарен филм посветен на историјата и значењето на библиотеката, по што поздравно обраќање имаше директорката на установата, м-р Емилија Стефановска Дафкова.
За содржината и историскиот осврт на монографијата зборуваше промоторката, проф. д-р Наташа Котлар, која истакна дека ова капитално издание претставува сведоштво за развојот и улогата на библиотеката во културниот и образовниот живот на Битола и пошироко.
Во рамките на свеченоста, на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, му беше доделена плакета како знак на благодарност за поддршката и долгогодишната соработка со библиотеката.
Со промоцијата на монографијата, НУУБ „Св. Климент Охридски“ уште еднаш ја потврди својата важна улога како чувар на културното наследство и современ центар на знаење во Битола.



