Продолжува санацијата на дефектот на водоводна линија во Прилеп, нарушено водоснабдување и денес
Екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп и денес продолжуваат со интензивните активности за санација на дефектот на примарната водоводна линија на улицата „Леце Котески“, кој предизвика нарушување на водоснабдувањето во овој дел од градот.
Од претпријатието информираат дека работите на терен се одвиваат континуирано, а интервенцијата се реализира во координација со Дирекцијата за заштита и спасување и Територијалната противпожарна единица – Прилеп, со цел дефектот да биде отстранет што е можно побрзо и побезбедно.
Во текот на денот се испумпува водата, а од Дирекцијата за заштита и спадување велат дека се работи внимателно да не дојде до други несакани последици, бидејќи тука имало и кабли од електрична инсталација.
Иако дефектот се наоѓа во непосредна близина на објектот на ТППЕ – Прилеп, одговорните уверуваат дека противпожарната единица функционира непречено и е целосно подготвена за интервенција доколку се појави потреба.
Поради сложеноста и обемот на зафатот, водоснабдувањето во засегнатиот дел од градот и денес ќе биде нарушено. Надлежните апелираат до граѓаните за трпение и разбирање додека трае санацијата, нагласувајќи дека нивен приоритет е дефектот да биде целосно отстранет и водоснабдувањето да се нормализира во најкус можен рок.



