Прилеп собира флаширана вода за Гостивар, советник предлага и финансиска поддршка
Во услови кога жителите на една од најголемите општини во Македонија – Гостивар – се соочуваат со последиците од неисправна вода за пиење, во Прилеп е отворен собирен пункт за донација на флаширана вода.
Пунктот е поставен во центарот на градот, каде граѓаните, институциите и компаниите ќе можат да донираат вода за пиење, со цел да им се помогне на граѓаните на Гостивар и околните населени места.
За иницијативата преку социјалните мрежи информираше градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски. Набргу по објавата следуваше реакција од советникот на Левица во Советот на Општина Прилеп, Жарко Стеваноски, кој предложи свикување итна седница на Советот.
Според неговиот предлог, Советот треба да донесе одлука за финансиска и нематеријална помош за жителите на Гостивар и населените места погодени од проблемот со водоснабдувањето.


