„Превенција и заштита од родово базирано насилство: онлајн и офлајн“ – Панел дискусија
ЛАГ АГРО ЛИДЕР во соработка со Здружението за еднакви можности Мрежа Стела и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, и општина Градско на 11ти декември одржаа панел дискусија „Превенција и заштита од родово базирано насилство: онлајн и офлајн“.
Настанот го отвори координаторката на комисијата за еднакви можности на општина Градско, а свое излагање имаа Љупка Трајановска – проектна координаторка во Стела Мрежа, Мирјана Трајкова – Претседателка на Организација на жени Велес, Ненад Колев – началник во отсек на превенција во СВР Велес, и Мимоза Трајкоска – инспектор за малолетничка деликвенција и семејно насилство.
Под водство на модераторката Марина Тошеска се говореше за формите на родово базираното насилство, постапувањата од страна на надлежните органи и достапноста на услуги за помош и поддршка на жени и девојики жртви на родово базирано насилство.
Мултисекторската соработка, креирањето на политики на нула – толеранција кон сите облици на насилство и подигнувањето на свеста за негативното влијание што насилството против жените и девојчињата ја има врз нашето општество и севкупниот развој се приоритети на глобално ниво а и кај нас, и неопходен е индивидуален и колективен придонес за обезбедување на безбедност и заштита од родово базирано насилство.
Со заедничка соработка помеѓу институциите и граѓанските организации да се фокусираме да дадеме што поголем придонес во превенција и заштита од РБН, зошто секој чекор во борбата против родово базираното насилство е чекор напред кон побезбедно, поеднакво и просперитетно општество.