Подобри услови во домовите: Лифтови, топла вода и достоинствен студентски живот бараат студентите од УКИМ

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ) испрати две официјални барања до надлежните институции, со цел навремено подобрување на условите за живеење во студентските домови во Скопје.

Во првото барање, доставено до Државниот студентски дом – Скопје, УСС-УКИМ апелира за итно сервисирање и оспособување на нефункционалните лифтови во домските објекти. Од собранието нагласуваат дека со приближувањето на новата академска година и очекуваниот прилив на нови станари, е неопходно да се обезбеди безбеден и пристапен простор за сите студенти, особено за оние со физички ограничувања.

Второто барање е упатено до управата на студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, каде што се посочува потребата од итна санација на системот за топла вода, поради честите проблеми со греење и снабдување со топла вода во текот на зимските месеци.

Дополнително, УСС-УКИМ повторно укажува на хроничниот проблем со нефункционалните лифтови во домот „Пелагонија“, што, според нив, го отежнува секојдневието на многу студенти и претставува сериозен предизвик за оние со здравствени или физички потешкотии.

„Овие интервенции се клучни за обезбедување на елементарни услови кои студентите ги заслужуваат. Ќе продолжиме гласно и одговорно да ги пренесуваме реалните потреби на студентите,“ изјави Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Од студентското собрание апелираат институциите да реагираат одговорно и навремено, уште во текот на летниот период, со цел академската година да започне во подобрени и подостоинствени услови за студентите.

Слични Објави