|

Тапа планирање

Секојдневно сме бомбардирани со проекти, те владини, те странски, те општински, те спроведувани од министерства. Дали се тие приоритетни или не, кому му е гајле? Дали има прецизни „мерки“ за постигнувањата и дали има кој да ги оценува, тоа е тешко прашање, на кое паднаа сите, од влада, па до странски „монитори“, па до невладини организации.

Фараоните велеле: Така реков – така да биде направено! Никој не смеел да праша зошто? Ние, полека, стануваме Египет, а нашите владари фараони, кои знаат само една кратка реченица за правдање: „За доброто на граѓаните“.

Без добро планирање, никој нема да знае дали е еден проект потребен, дали има висок приоритет, дали поинакво решение може да биде поевтино, побрзо, дали проектот е „во приказната“ на една општина или стрчи како арматурно железо насред пат. Ниту тие сите повикале граѓани на јавна расправа, ниту некој им дошол. Останува „фараоните“, општински или централни, да мантраат „за доброто на граѓаните“.

На летовање ќе одиш, па со денови планираш, а пак сите наши „планери“, на месечина да одат, ќе речат: „Да тргнеме ние, па ќе видиме попатно што ќе излезе“. И потоа, проектите испаднале смешни, лоповски, промашени, демоде, штетни, а властите велат дека е „малку згрешено“, за доброто на џебот (читај „граѓаните“).

Цела година ова го работевме на ОТВ и тоа од закони, па до практики, па до процеси на планирање, па до избор на проекти, па до финансирање, па до резултати, па до мерење на резултати и кој мери. Дел од тоа до што дојдовме го има и на видеото и толку е смешно, што не можеме да се однесуваме сериозно, оти планирањето ни е бурлеска.

Слични Објави