Од утре почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025

Министерството за образование и наука денеска објави Повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година и ги повика студентите што ги исполнуваат условите да се пријават.

Студентите што ќе аплицираат треба да се државјани на Република Северна Македонија, редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, да не се во редовен работен однос, да не се  регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

Кандидатите треба да се пријават електронски на следниот линк: https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

За помош при аплицирањето погледнете го следното видео: ВИДЕО (начин на аплицирање)

Рокот за пријавување за тековните студенти и студентите е од 15.08.2024 година до 05.09.2024 година.

Исто така, секој 1ви до 5ти во месецот за секој месец од академската 2024/2025 година ќе тече рокот за пријавување на студентите кои не го оствариле правото на субвенциониран студентски оброк по Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк или чие право престанало поради неисполнување на некој од критериумите, тогаш кога повторно ќе ги исполнуваат критериумите наведени во овој повик.

 Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.

Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од понеделник до сабота не го искористи правото на субвенциониран студентски оброк, износот од субвенционираниот студентски оброк му е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.

Министерството за образование и наука склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк. Оттаму, сите студенти кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк, ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање на посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали  претходно биле клиенти на Шпаркасе банка. За отворањето на сметката и издавањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци.

Студентот ќе може да ги троши средствата наменети за субвенциониран студентски оброк кај даватели на субвенциониран студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка АД Скопје. Доколку студентот не ја подигне навремено картичката или воопшто не ја подигне картичката нема да може да ги искористи средствата на ниту еден друг начин. Рокот и начинот на подигање на картичките ќе биде дополнително објавен од страна на Министерството и Шпаркасе банка.

Министерството го испишува лицето од евиденцијата на корисници на субвенциониран студентски оброк кога ќе утврди дека повеќе не ги исполнува условите за користење на субвенциониран студентски оброк.

За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард и тоа на следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk  или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.

Слични Објави