Најмладите од градинка вапсуваа велигденски јајца и се даруваа на штитениците во домот за стари лица

Денес жените од Здружението „Преродба“ ги посетија и им подарија повеќе од 130 вапсани црвени велигденски јајца на штитениците од домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ – Прилеп.

Покрај посетата на штитениците, членките од „Преродба“ , заедно со најмладите во градинката Гоце Делчев“ вапсуваа велигденски јајца и им ги објаснуваа обичаите.

Рано изутрината прилепчанки пред изгрејсонце ги вапсаа првите велигденски јајца. Ги ставија крај прозорецот првите сончеви зраци да ги угреат. Првото јајце се чува цела година до наредниот Велигден.

-Велигденските јајца ги вапсавме во Здружението и им ги дарувавме на штитениците од Домот. Тоа е наша традиција. А голема традиција е што со најмладите на Велики четврток вапсуваме јајца. Атмосферата беше многу убава во градинката, децата веќе знаеја за вапсувањето јајца, им објасниле многу учителките, ама беа љубопитни и имаа многу прашања. И песничка ни запеаја. Тоа е најголема радост за нас, рече Лилјана Ацеска од Здружението „Преродба“.

-Подготовките за најрадосниот празник се при крај. Денес се вапсаа јајцата, им поминавме на дечињата по лицето со црвено јајце велејќи: „Црвено, здраво, дебело“. Таков е кај нас адетот. Утре е најтажниот ден, ќе одиме в црква. В сабота ќе ги направиме последните подготовки во домот за велигденската трпеза на која ќе се собере целото семејство. В сабота на полноќ пред црка ќе го пречекаме Христовото воскресение и ќе се скршиме со велигденските јајца. В недела во Прилеп е традиција дечињата, променети во ново, со родителите да ги посетат роднините и пријателите и на дар ќе добијат велигденско јајце и по некоја паричка, ги објаснува Ацеска обичаите за Велигден во Прилеп.

Слични Објави