|

Набавени 120 нови полициски возила

Во кругот на Министерството за внатрешни работи денеска беа презентирани 120 нови службени возила од марката „Пежо 408“, наменети за потребите на полицијата. Вкупната вредност на набавката изнесува околу 3,9 милиони евра.



Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на презентацијата, истакна дека оваа инвестиција е дел од поширокиот план на Владата за подобрување на мобилноста и ефикасноста на полициските службеници во нивното секојдневно работење.

Мицкоски нагласи дека би сакал возилата да се користат што е можно поретко, бидејќи тоа, како што рече, би било показател за намалување на криминалот во државата.

„Како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите проекти, бидејќи безбедноста и борбата против криминалот и корупцијата се наш врвен приоритет. Министерството за внатрешни работи е клучна алка во тој процес. Им честитам и им благодарам на сите вработени, на министерот и на сите служби вклучени во реализацијата на овој проект. Да посакаме, условно кажано, возилата да се користат што помалку – тоа би значело помалку криминал и криминалци“, изјави премиерот.

Слични Објави