„Марш на ангелите“ Семеjствата на жртвите бараат одговорност од институциите
Голем број граѓани од Кочани денеска учествуваа во протестниот „Марш за ангелите“, организиран од семејствата на починатите млади луѓе во трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“.
Маршот започна во 12 часот и 5 минути од Паркот на Револуцијата, како симбол на задоцнетата реакција од страна на институциите. Присутните, со солзи во очите и повици за правда, се упатија кон централните институции на Кочани, меѓу кои Трговскиот центар, Општината, Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството.
„Кој ги уби нашите ангели? Кој ги уби нашите херои?“ – овие зборови беа испратени од една од мајките на починатите млади, која изрази гнев и болка за загубата на својот син.
Присутните граѓани нагласија дека трагедијата можела да се избегне ако институциите ги извршувале своите обврски на време. Тие побараа одговорност и транспарентност од надлежните и се заложија правдата да биде задоволена.
Маршот заврши на истото место од каде што започна, а организаторите нагласија дека протестот не е насочен против работниците на обезбедувањето во дискотеката, туку кон институциите кои не ја превземале неопходната акција.
Организаторите и учесниците потврдија дека ќе продолжат да бараат правда за своите најблиски, за своите синови, браќа, сестри, братучеди, братучетки, внуци, сограѓани, кои загинаа во пожарот.