Крушево одбележа 122 години од раѓањето на Васил Иљоски „македонскиот Шекспир“
Во организација на Домот на култура – Крушево, беше одржан културен настан како дел од одбележувањето на 122-годишнината од раѓањето на Васил Иљоски (20 декември Крушево 1902 – 1 ноември 1995 Скопје), познат како „македонскиот Шекспир“ и доајен на македонската драмска уметност.
Настанот го збогатија повеќе активности, меѓу кои и интервјуто на Кристина Николоска, член на НК Инфо-млади, со директорката на Домот на култура – Крушево, г-ѓа Дори Стефаноска. Интервјуто понуди увид во значењето на овој настан и активностите кои ги спроведува институцијата за промоција на културата во општината.
На свеченоста беа доделени и награди за најдобрите литературни творби на учениците кои учествуваа на конкурсот. Василика Димоска, ученичка од осмо одделение, освои втора награда, а Борис Николовски, исто така осмоодделенец, се закити со третата награда. Нивните творби беа изработени под менторство на наставничката Александра Ангелеска.
Организаторите изразија задоволство од големата заинтересираност и учеството на младите, истакнувајќи дека ваквите настани се од исклучително значење за зачувување на културното наследство и за развојот на идните генерации.
„Честитки до сите учесници и добитници на наградите. Настани од ваков вид треба да станат редовна практика во нашата општина,“ истакна Томе Христоски градоначалник на општина Крушево.
Реализација на видео: НК Инфо-млади