„Изрази се – младите го кршат молкот“: Едукативна презентација за менталното здравје на младите во Кривогаштани

Во Мултимедијалниот центар во Кривогаштани денеска, 22 октомври, се одржа едукативната презентација „Изрази се – младите го кршат молкот“, посветена на менталното здравје на младите, со цел подигнување на свеста за важноста на отворениот разговор, препознавањето на емоционалните тешкотии и навременото барање поддршка.

Настанот се реализираше на иницијатива на Општина Кривогаштани, во соработка со СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп. На презентацијата присуствуваа ученици од деветто одделение од ООУ „Манчу Матак“ – Кривогаштани и ООУ „Јонче Смугрески“ – Обршани.

Учениците имаа можност да се запознаат со теми поврзани со препознавањето на стресот и анксиозноста, справувањето со училишните обврски и врсничките притисоци, како и значењето на навременото обраќање за помош кога се соочуваат со одредени предизвици.

Презентацијата претставува продолжение на активностите што СОУ „Ѓорче Петров“ ги реализираше по повод Светскиот ден на менталното здравје. Преку ваквите иницијативи се испраќа важна порака дека младите треба да се охрабрат отворено да зборуваат за своите чувства, стравови и грижи, без страв од осуда, и да знаат каде можат да побараат соодветна поддршка.

Со оваа активност, Општина Кривогаштани го става Мултимедијалниот центар во функција на едукативни и општествено значајни содржини, насочени кон потребите на младите и прашањата што го засегаат нивното секојдневие.

Грижата за менталното здравје на младите подразбира заедничка одговорност и соработка меѓу семејствата, образовните институции, стручните лица и локалната самоуправа.

Од Општина Кривогаштани упатија благодарност до СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп и говорниците за соработката и споделеното знаење, како и до двете основни училишта и учениците за нивното учество.

Со ваквите активности се создава простор за поголема информираност, разбирање и поддршка, со цел младите навреме да ги препознаваат своите потреби и да знаат дека во соочувањето со предизвиците не се сами.

Слични Објави