ЛАГ „АГРО ЛИДЕР“ и СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп на меѓународна обука во Шпанија
АГ „АГРО ЛИДЕР“ и СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп учествуваа на меѓународна обука за едукатори во рамките на европскиот проект BALKANSGROW (Green Resilient Organic Wisdom), која се одржа од 14 до 16 октомври 2026 година во Валенсија, Шпанија.
Обуката беше посветена на унапредување на знаењата и вештините за регенеративно земјоделство, одржливо управување со природните ресурси и примена на современи образовни пристапи во стручното образование и обука.
Во текот на тридневната работилница беа обработени повеќе актуелни теми, меѓу кои здравјето на почвата и климатските интеракции во агроекосистемите, интегрирањето на животните во земјоделските системи и холистичкиот менаџмент. Посебно внимание беше посветено на практичната примена на образовните модули во стручното образование, дигиталниот маркетинг во одржливото земјоделство и агробизнисот, како и на начините за пренесување на стекнатите знаења и нивно интегрирање во националните образовни системи.
Во проектот учествуваат партнерски организации од Шпанија, меѓу кои MERAKI PROJECTES DE VALENCIA и Associació Cultural CRESOL, како и партнери од Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Проектната иницијатива се реализира под водство на Универзитетот во Марибор.
Учеството на претставниците од ЛАГ „АГРО ЛИДЕР“ и СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп претставува можност за размена на меѓународни искуства и стекнување нови знаења што можат да придонесат за унапредување на земјоделското образование и промовирање на одржливи земјоделски практики.
Преку проектот BALKANSGROW се очекува да се поттикне развојот на современи образовни програми насочени кон регенеративното земјоделство, зајакнување на капацитетите на едукаторите и создавање поодржлива иднина за земјоделството во регионот.


