Прилеп одбележа 69 години од смртта на Методија Андонов-Ченто
Со положување свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во центарот на Прилеп, денес беше одбележана 69-годишнината од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.
Почит на Ченто му оддадоа членови на неговото семејство, претставници на Општина Прилеп, Советот на Општината, политички партии, здруженија на граѓани и Сојузот на борците.
Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година и претставува една од најзначајните личности во македонската историја. Како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, тој одигра клучна улога во поставувањето на темелите на македонската државност.
Поради своите политички убедувања и залагањата за македонските национални интереси, по Втората светска војна беше осуден и затворен. По осамостојувањето на Македонија беше рехабилитиран, а постхумно одликуван со „Орден на Република Македонија“, највисокото државно признание.
Со денешното одбележување, Прилеп уште еднаш се потсети на човекот чие име останува нераскинливо поврзано со создавањето на современата македонска држава.


