Baby boom во Прилепската болница: За само 10 часа родени седум бебиња
Вистински baby boom е забележан во Општата болница со проширена дејност во Прилеп, каде што во изминатите 10 часа на Одделението за гинекологија и акушерство се родија седум новороденчиња. Во последните два дена, пак, светот го разубавија вкупно 12 бебиња.
Овој убав податок претставува радосна вест за градот и уште една потврда за посветената работа на медицинските тимови кои секојдневно се грижат за здравјето и безбедноста на мајките и новороденчињата.
Голема заслуга за успешното згрижување имаат здравствените работници од Одделението за гинекологија и акушерство и Одделението за неонатологија, кои со стручност, професионалност и човечки пристап обезбедуваат најдобра можна грижа уште од првите моменти на животот.
Од прилепската болница упатија искрени честитки до сите семејства кои добија нов член, со желби новороденчињата да растат во добро здравје, среќа и безгрижно детство.
Ражањето на 12 бебиња за само два дена претставува вистински празник на животот и надежта, носејќи радост не само во нивните семејства, туку и во целата локална заедница.


