Прилепскиот бисер Димитар Иваноски освои прво место на меѓународен фестивал „Tryavna Music Cup 2026“ во Бугарија
Прилепскиот млад пејач Димитар Иваноски продолжува да ги ниже успесите на домашната и меѓународната музичка сцена. Тринаесетгодишниот талент, кој е дете со оштетен вид, го освои првото место на престижниот меѓународен музички фестивал „Tryavna Music Cup 2026“, што се одржа во Трјавна, Бугарија.
Во силна конкуренција од повеќе од 400 натпреварувачи од повеќе држави, Иваноски настапи во категоријата „Evergreen“ со песната „Као моја мати“ од Здравко Чолиќ. Со својот вокален настап и сценска интерпретација ги освои симпатиите на жирито и публиката, а покрај првата награда доби и високи оценки за музикалноста, интерпретацијата и сценското присуство.

Ова е само уште едно признание во низата успеси што младиот прилепчанец ги бележи во последните години. Досега има освоено повеќе први, втори и трети награди на домашни и меѓународни музички натпревари, а годинава беше и единствениот претставник од Македонија на јубилејното издание на детскиот фестивал „Мајска песна“ во Ниш, каде настапи во живо со камерен оркестар и детски хор.
Покрај настапите на фестивали, Иваноски активно работи и на сопствена музика. Досега има објавено две авторски песни, со кои постепено го гради својот музички стил. Веќе шест години посетува часови по соло пеење под менторство на професорот Денис Димоски, а неговата љубов кон музиката, како што истакнуваат неговите најблиски, започнала уште од најрана возраст.
Освен музичките успеси, Димитар претставува и пример за упорност и истрајност. Како ученик со оштетен вид, од следната учебна година образованието ќе го продолжи во ДСУРЦ „Димитар Влахов“ во Скопје, каде ќе има пристап до специјализирана поддршка и услови за образование на ученици со оштетен вид.
Негова голема желба е во иднина да ја претставува Македонија на Детската Евровизија и да настапува на големи музички сцени, а како крајна цел ја гледа професионалната музичка кариера.
Успехот на Димитар Иваноски уште еднаш потврдува дека талентот, трудот и посветеноста се поважни од сите предизвици. Со секој нов настап, младиот прилепчанец достојно ги претставува Прилеп и Македонија, испраќајќи силна порака дека со упорност и љубов кон музиката можат да се остварат и најголемите соништа.
Димитар Иваноски/фото: Приватна архива



