„Кога зборува Рацин – зборува Македонија“ – Вторите Рацинови средби успешно одржани во Прилеп

Во организација на ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп и со поддршка на Општина Прилеп, успешно се одржаа вторите по ред Рацинови средби – културно-образовна манифестација посветена на ликот и делото на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

На манифестацијата учествуваа ученици и наставници од училиштата што го носат името на Рацин од Могила, Дојран, Блатец и Велес. Во текот на два дена беа реализирани бројни културни, образовни и забавни активности, преку кои младите имаа можност да се запознаат со богатото културно и историско наследство на Прилеп и Македонија.

Програмата започна со положување цвеќе на Могила на непобедените, по што учесниците ги посетија Меморијален музеј „11 Октомври“, Галерија на икони, Музеј на тутунот, како и Манастир „Св. Архангел Михаил“ и други значајни локалитети во градот.

Во рамките на средбите беа организирани драмски изведби, едукативни натпревари, тимски игри, музички настапи и туристички тури низ Прилеп. Преку секоја активност учениците го оживуваа творештвото и идеите на Рацин, покажувајќи дека неговото дело и денес носи силни пораки за младите генерации.

Завршната свеченост се одржа во амфитеатарот во Варош, каде со богата музичко-културна програма, песни и рецитали посветени на Рацин беше заокружено овогодишното издание на Рациновите средби.

Од Општина Прилеп истакнуваат дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат настаните кои го промовираат македонскиот јазик, литературата, културното наследство и вредностите што ги поврзуваат граѓаните и ги зачувуваат националните традиции.

Слични Објави