„Педали и приказни“ – Завршен настан
Форум за Авангардна Креативност – Прилеп (ФАК) и NGO Go Green повеќе од половина година работеа на реализирање на проектот „Педали и приказни“ помогнати од фондацијата HEARTEFACT, во соработка со Општина Прилеп, НУЦК Марко Цепенков, СОУ Ристе Ристески Ричко, СОУ Ѓорче Петров и CLS Equipment.
Во Прилеп – како и во многу други помали градови во Македонија – јавниот простор останува недоволно искористен како место за култура, слободен израз и граѓанска поврзаност. Културните настани главно се одвиваат во затворени, институционализирани формати, што исклучува многу граѓани, особено млади луѓе уметници, надвор од системот и ги прави маргинализирани групи.
Воедно, вело-културата е недоволно развиена и сè уште не е препознаена како дел од одржливиот урбан живот, иако има потенцијал да ги поврзе луѓето со градот, со природата и едни со други. Проектот „Педали и приказни“ одговара на овие предизвици со тоа што ја отвора културата кон улицата, создава простор за дијалог, уметност и активизам и ја приближува до заедницата преку пристапен, одржлив и ангажиран формат.Паралелно со активностите кои се одвиваа на плоштадот во центарот на градот и низ прилепските улици, учениците и нивните ментори во СОУ Ристе Ристески Ричко изработија мурал кој ќе биде презентиран пред прилепската јавност во последната епизода од проектот, на 3ти јуни 2026г.
Во рамките на петтата епизода, во среда на 3ти јуни 2026г, граѓаните на Прилеп ќе можат да бидат дел од завршниот настан на проектот и да учествуваат во следните активности :
12:00 Плоштад „Александрија“ – почеток на критична маса
12:00 СОУ „Ристо Ристески-Ричко“ – почеток на главниот настан со диџеј-сет на ученици од СОУ „Ѓорче Петров“
12:30 Пристигнување на критичната маса во СОУ „Ристе Ристески-Ричко“
12:45 Кратко обраќање на реализаторите и поддржувачите на проектот и официјално откривање на муралот
13:10 Музичка програма со настап на училишниот бенд пред СОУ „Ристо Ристески-Ричко“
14:00 Вело-кино во спортската сала на СОУ „Ристо Ристески-Ричко“
14:30 Панел-дискусија со присутните
15:00 Завршување на настанот
Ве охрабруваме да ги стартувате своите велосипеди и да бидете дел од завршните активности на проектот „Педали и приказни“.


