Николоски: Возот Прилеп-Битола од јули, првите километри од автопатот напролет

Mеѓуградскиот воз меѓу Прилеп и Битола повторно ќе биде воспоставен кон крајот на јуни или почетокот на јули, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на Општина Могила.

Според него, воведувањето на меѓуградскиот воз е дел од мерките за олеснување на сообраќајот додека трае изградбата на автопатот Прилеп–Битола, поради што во моментов се користи стариот патен правец.

„Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата, особено патните премини, и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција“, изјави Николоски.

Тој посочи дека линијата треба да биде ставена во функција во рок од еден месец, а возовите ќе сообраќаат во термини прилагодени на потребите на граѓаните. Според најавите, цената на билетот ќе биде околу 150 денари.

Покрај патничкиот сообраќај, Министерството за транспорт работи и на повторно воспоставување на товарниот железнички превоз кон Прилеп и Битола. Николоски информираше дека веќе постои интерес од компании за користење на железницата за транспорт на суровини и производи, што би овозможило поекономичен и поеколошки превоз.

Министерот оцени дека активирањето на железничкиот сообраќај ќе придонесе за намалување на загадувањето, растоварување на патиштата и повторно заживување на железничкиот транспорт во Пелагонискиот регион.

Воедно, Николоски истакна дека изградбата на автопатот Прилеп–Битола се одвива со одлична динамика и дека првите километри од новата автопатска делница се очекува да бидат завршени веќе следната пролет.

„Роковите ќе бидат запазени. Новиот автопат ќе значи подобро поврзување на Прилеп и Битола, но и на општините Могила, Новаци, Ресен и Демир Хисар, со што ќе се создадат нови можности за економски развој на целиот Пелагониски регион“, нагласи Николоски.

Според него, подобрената патна и железничка инфраструктура ќе придонесе за побрз транспорт, поголема мобилност на граѓаните и дополнителен економски поттик за регионот.

Слични Објави