Ќе добие ли Прилеп еколошки автобуси? Од искуствата на Париз до Прилеп – што следува?

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, учествувал на работна посета во Париз, каде што заедно со претставници од повеќе европски градови разменувал искуства за развој на еколошки јавен превоз и одржливи транспортни системи.

Посетата се реализирала во рамки на платформата „Clean Bus and Clean Fleet Platform“, во организација на Транспортната заедница и ГИЗ, со поддршка на регионалната организација за јавен превоз на Париз – Île-de-France Mobilités. Главниот фокус бил ставен на транзицијата кон автобуси со нулта емисија и модернизација на урбаниот транспорт.

„Оваа посета беше одлична можност за директно запознавање со искуствата и добрите практики на Париз во процесот на транзиција кон автобуски возен парк со нулта емисија“, истакна Проданоски.

Во рамки на програмата, учесниците имале презентации и теренска посета на оперативен центар, каде што се запознале со процесите за набавка на електрични автобуси, развој на инфраструктура за полнење, како и управување со енергетските системи во јавниот превоз.

На настанот учествувале и претставници од меѓународни финансиски институции, меѓу кои Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), кои ги презентирале можностите за поддршка на зелени инвестиции и одржлива мобилност.

Проданоски нагласи дека ваквите иницијативи се клучни за јакнење на институционалните капацитети и забрзување на процесот на модернизација на јавниот превоз.

„Како локална самоуправа, остануваме посветени на воведување современи, еколошки и одржливи решенија, со цел обезбедување поквалитетен јавен превоз, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, додаде тој.

Тој информираше дека за време на посетата биле воспоставени контакти со претставници од европски градови и институции, кои би можеле да резултираат со идни заеднички проекти. Посетата, како што посочи, била организирана под покровителство на Транспортната заедница, без користење средства од буџетот на Општина Прилеп.

Слични Објави