(ВИДЕО) Прилепчанецот Филип Николоски со нова песна „Срце ми е како ракија“ – боемска приказна што освојува
Прилепската музичка сцена добива ново освежување со најновата песна „Срце ми е како ракија“ на Филип Николоски, која веќе го привлекува вниманието на публиката и се наметнува како потенцијален хит по кафани и прослави.
Песната носи препознатлив боемски дух – приказна за живот исполнет со песна, другари и искрени емоции, нешто што отсекогаш било дел од прилепскиот менталитет и урбана традиција.
Музиката, текстот и аранжманот се дело на Рубин Димкоски, кој заедно со Николоски создава композиција со силна порака: дека животот се живее полесно кога песната е твој најдобар другар.
Видео записот, реализиран од Зоран Пиловски, ја доловува атмосферата на дружење и топлина, типична за македонската, но и особено за прилепската кафанска култура, каде музиката и емоцијата одат рака под рака.
Со ова издание, Николоски уште еднаш потврдува дека прилепските музичари знаат како да создадат песни што лесно допираат до срцето на публиката и стануваат дел од секојдневието.


