„Живот повторно“ – силна приказна за победа над ракот

„Живот повторно“ – инспиративна приказна за борба, надеж и победа над болеста ќе се раскаже во Прилеп

На 19 април со почеток во 18:00 часот, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи настанот „Живот повторно“, кој носи силна и емотивна порака за борбата со една од најтешките болести – ракот.

Настанот ќе биде прво јавно и искрено сведоштво на Димитар, кој по повеќе од две години тешка и неизвесна борба успеал да ја добие најважната животна битка. Преку лична приказна исполнета со болка, страв, но и надеж, тој ќе зборува за процесот на соочување со дијагнозата, лекувањето и патот кон закрепнување.

Покрај неговото сведоштво, посетителите ќе имаат можност да слушнат излагања од доктори и професори, како и да учествуваат во интерактивна дискусија. Настанот ќе понуди одговори на бројни прашања поврзани со болеста, третманите и психолошката поддршка, а ќе биде збогатен и со музичка програма.

„Живот повторно“ има за цел да подигне свест, да охрабри и да даде поддршка на сите кои се соочуваат со слични предизвици, но и да ја истакне важноста на семејството, пријателите и медицинскиот персонал во процесот на лекување.

Цената на билетот изнесува 250 денари, а резервации се достапни на телефонскиот број наведен на плакатот.

Овој настан претставува ретка можност за отворен разговор за болеста, но и за славење на животот, силата и новите почетоци. 🎗️

Дојде тивко. Не ме праша за време и години, не праша дали сум спремен или не, дали имам доволно сила да се одбранам од неговиот напад.. сфатив зошто го нарекуваат “подмолен”, ме јадел внатрешно без да ми наговести…

И, да, после еден повик (првиот датум) во 23:00 навечер, со реченицата “Димитар, имаш рак” дотогаш изградениот лик Димитар исчезна во времетраење на еден телефонски повик со докторот. Што ми помина прво низ глава? -Само моето семејство и тоа како ќе го преживеат сето ова, и тоа беше мојот фокус буквално секоја секунда цел овој период. Мене ми беше сеедно, коешто сеедно ме доведе до самата ивица, каде што Бог ме благослови и врати повторно на земскиот свет. Се обидувам да бидам “благ” со зборови, не сакам да ги прикажувам тешките ситуации од овој мрак.

Повеќе од две години, секој еден ден поминат низ агонија, страдање, болка, шокови, соочувања и што уште не..

Процес на лекување во кој моето тело полека ја повлекуваше фронтната линија наназад, но никогаш не ме издаде и не се откажа. Некоѝ го нарекоа и феномен после се она низ што успеа да опстане. После двегодишната борба, животни прогнози, страдање, сестра Надица неможејќи да издржи докторот да ме извести, ми наговести со зборовите “Фрли ја марамата, трчај по резултатот и заборави на сѐ”

И, така, на вториот датум дознавме дека моето тело се избори со најјтешкиот дел, а мене ми ја додаде придавката ЗДРАВ!

Имам премногу да кажам, но сега само

Ти благодарам Господе! Ти благодарам докторе мој! Благодарам на мојата фамилија! Благодарам на мојте пријатели коѝ останаа блиски и доследни кон мене!

Благодарам на сите коѝ се дел од оваа моја Борба!

Ќе ги издвојам за мене хероите, моето семејство! -луѓето кои минаа пекол поради мене, спиеа пред болнички врати, болницата ѝм беше прв дом, сострадањето прв пријател а, неможноста да помогнат најголема болка!

И нема да должам во оваа објава, ќе биде вака краток и едноставен.

Ја добивме битката, но не и војната. Фронтот продолжува, закрепнувањето ќе биде долг процес, останаа трајни последици, но, најтешкиот дел заврши. Ќе се создава нов Димитар од корен, во нови услови, но најбитно – Здрав Димитар!🎗️

Слични Објави