Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
Со пригодна програма во изведба на учениците од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, денес во Прилеп беше одбележан 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, датум кој го промовира значењето на јазичната и културната разновидност ширум светот.
Настанот се одржа во просториите на библиотеката, каде учениците преку литературна и културна програма ја истакнаа љубовта кон македонскиот јазик и книгата. Присутните имаа можност да проследат изведби кои ја потенцираа важноста на мајчиниот јазик како темел на идентитетот и културното наследство.
Од библиотеката истакнаа дека во време кога, според податоците на UNESCO, на половина од јазиците во светот им се заканува исчезнување, значајно е да се негува и промовира македонскиот јазик, особено кај младите генерации.
„Денешните гости покажаа дека зборот живее кај младите, во нивните срца и во нивната љубов кон мајчиниот јазик и книгата“, посочија од установата.
Настанот го водеше м-р Маја Камшикоска, а беше изразена благодарност и до наставниците и менторите кои посветено работат на развивање на јазичната култура и љубовта кон македонскиот литературен јазик.
Од ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ нагласија дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон чување, негување и промоција на македонскиот јазик, како еден од најважните столбови на националниот идентитет.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик традиционално се одбележува на 21 февруари со цел да се подигне свеста за значењето на јазиците и нивната улога во зачувувањето на културното наследство.


