СЕ ЧИСТИ ГРАДСКАТА РЕКА ВО ПРИЛЕП
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денес изврши увид на градежните активности кои се спроведуваат во рамките на акцијата за чистење на големото речно корито на Градската река.
Работите моментално се одвиваат на потегот покрај улицата „Кеј 1-ви Мај“, во населбите Чачорица и Бончејца, каде механизацијата интензивно работи веќе една недела. Од терен досега се извадени повеќе од 300 кубни метри насип, а активностите ќе продолжат сѐ до железничкиот мост, по што ќе започне втората фаза – чистење кон мостот на улицата „Трајко Николоски“.
Градоначалникот Проданоски ги информираше граѓаните дека, и покрај обилните врнежи изминатите денови, водостојот на реката е стабилен и во моментот не постои опасност од излевање.
Тој изрази благодарност до раководствата на јавните комунални претпријатија и до Подрачната единица на Водостопанство на Македонија – Прилепско Поле, кои активно учествуваат и ја спроведуваат акцијата со својата механизација.
Воедно, градоначалникот упати апел до граѓаните да не фрлаат отпад во речното корито, бидејќи таквото несовесно однесување предизвикува штети, затнувања и потенцијални хаварии.
„Мораме сите заедно да се грижиме за побезбеден и почист Прилеп,“ порача Проданоски.



