|

Нема успешна децентрализација без силна локална демократија

Нема успешна децентрализација без силна локална демократија, порача заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими на Првата регионална конференција на програмата ReLOaD3 во Скопје, која се одржува под мотото „Резултати и регионално влијание: Зајакнување на локалното управување и граѓанското општество во Западен Балкан“.

Селими истакна дека проектот, финансиран од Европската Унија и имплементиран од УНДП, воспоставува механизми за отчетно и транспарентно работење на локалните власти.

– Општините издвојуваат значителни средства за проекти на граѓанските организации, но без унифицирани процедури, секоја општина го регулира финансирањето различно. Транспарентноста и предвидливоста се клучни за градење доверба – нагласи Селими.

Тој додаде дека примената на унифицирана методологија ќе овозможи партнерски односи и заедничка соработка, а добрите практики од проектот ќе помогнат за понатамошно зајакнување на локалната демократија.

Раководителката на тимот за координација на граѓански организации и медиуми во Западен Балкан при Европската комисија, Симела Цакири, истакна дека ЕУ вложува повеќе од 470 милиони евра за поддршка на граѓанското општество и медиумите, и дека програмата ReLOaD ја поддржува од 2017 година.

– Очекуваме да поддржиме околу 270 проекти во целиот регион, од кои ќе имаат корист повеќе од 33.000 граѓани – рече Цакири, додавајќи дека конференцијата служи како платформа за размена на добри практики, подобрување на транспарентноста и соработката меѓу локалните власти и граѓанските организации.

Програмата ReLOaD3 поддржува национални влади, локални власти и граѓански организации во шест земји од регионот, со цел да се зајакне транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество. Најмалку 50 општини ќе добијат поддршка за партнерство со граѓанските организации, а над 120 организации ќе ги зајакнат своите капацитети за застапување на ранливите групи, како лица со попреченост, млади и жени во неповолна положба.

Програмата има за цел долгорочно одржливо и инклузивно локално управување, преку транспарентни процедури и активно учество на граѓаните.

Слични Објави