4 милиони денари поддршка за Одбојкарскиот клуб „Пелистер Волеј“
Општина Битола ќе обезбеди вкупно 4 милиони денари финансиска поддршка за Одбојкарскиот клуб „Пелистер Волеј“, со цел унапредување на спортските активности, развојот на женската одбојка и мотивирање на младите во спортот.
Поддршката е предвидена со договор што денес го потпишаа општината и претседателот на клубот, Марјан Митковски. Средствата ќе бидат исплатени во две еднакви рати по 2 милиони денари – првата за сезоната 2025/2026, а втората за 2026/2027.
Финансиите ќе бидат насочени кон покривање на трошоци за натпревари, спортска опрема и реквизити, тренинзи, промоција на одбојкарскиот спорт, активности за млади, како и административни трошоци неопходни за функционирање на клубот.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претседателот на Одбојкарскиот клуб „Пелистер Волеј“, Марјан Митковски, денес го потпишаа договорот со кој општина Битола обезбедува финансиска поддршка за клубот, со цел поддршка на активностите, развојот и промоцијата на одбојкарскиот спорт во Општина Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека „Пелистер Волеј“ претставува многу повеќе од спортски тим:
„Пелистер Волеј не се само одбојкарки. Тие се храброст, страст, борба и гордост за нашиот град. Девојки кои со срце играат за Битола, кои секојдневно го рушат митот дека спортот е само машка арена. Кога поддржуваме девојки што сонуваат, ја градиме Битола што инспирира!“
Од „Пелистер Волеј“, најавуваат дека со добивањето на се поголемата поддршка, насочени се кон подобрување на капцитетите и градење на модерна екипа која ќе биде сериозен и конкурентен тим во следната сезона во Првата Државна Лига на Македонија.



