Нема активни пожари – Апел за внимателност за Илинденските празници
Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), нема ниту еден активен пожар. Еден пожар е под контрола, а 12 изгаснати, информираат утрово надлежните.
Од вкупно 13 пожари на отворен простор регистрирани во изминатите 24 часа, 12 се веќе изгаснати, а еден е ставен под контрола, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пожарот кој е ставен под контрола се наоѓа на територијата на општина Берово, поточно на подрачјето на планината Готен, во правец кон Малешевските планини. Според информациите, горела мешана шума – бор, бука, нискостеблеста шума, смрека, како и грмушки и ниска вегетација.
Изгаснатите пожари се евидентирани на територија на општините Арачиново, Гази Баба, Гевгелија, Кавадарци, Карбинци, Македонска Каменица, Радовиш, Желино, како и четири пожари на различни локации во прилепскиот регион.
Во пресрет на Илинденските празници, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вчера упати апел до граѓаните за зголемена внимателност при движење и престој во природа.
„Апелирам до сите, за време на Илинденските празници, да бидат исклучително внимателни, бидејќи за миг може да настане пожар со катастрофални последици“, порача Ангелов.



